Светот Како 1
Граѓанската иницијатива Јавна Соба во периодот од 20ти ноември - 20ти декември 2008 е домаќин на првата самостојна изложба на Оливера Велкова во Македонија, насловена „Светот Како 1“.
Изложбата “Светот Како 1” е претставување на внимателно одбрани дела од Мастер циклусот “Светот Како 1 V07” и други презентации и колективни изложби во Франција – Париз 2004, Арл 2005 и САД – Њу Јорк 2007, за време на 7-годишното живеење, работење и творештво во Париз. Куратор на изложбата е Г-ѓа Ана Франговска.
Оливера ВЕЛКОВА е родена на 27 Април 1977 во Скопје, Македонија. Дипломира на Архитектонскиот Факултет при УКИМ, во Скопје 2001 и веднаш потоа заминува за Париз, каде што се запишува на постдипломски студии за Медија, Визуелна Комуникација и Менаџмент при Универзитетот ESDI CREAPOLE, PARIS. Непосредно по дипломирањето 2002, таа започнува професионална кариера како Консултант и ПР во доменот на визуелната комуникација и менаџментот во светот на модата и луксузот; во периодот од 2002-2007. За време на целиот период од 7 годишно живеење, работење и креирање во Париз, како и многубројните патувања и истражувања ширум светот, таа успева успешно да ги пренесе сите тие искуства и импресии на платната, но и преку други форми на уметноста како што се филмот и музиката. Сето ова се случува да биде крунисано токму со оваа прва нејзина соло изложба, токму овде во нејзината родна земја Македонија, насловена под името „Светот Како 1“. Бидејќи „Животот е Уметност“, нејзината омилена девиза, која што таа ја докажува константно со своето постоење и претставувајќи ја Македонија ширум светот како еден вистински амбасадор, таа моментално е на студии за Магистратура на Уметност во Дипломатија и Меѓународни односи при UACS 2008/2009 и потоа во Лондон, Велика Британија 2009/2010.
КОЛЕКТИВНИ ИЗЛОЖБИ
- Њу Јорк, САД – Јануари 2007: Le Jungle Art Gallery, SOHO : ”Love” (акрилик на платно, 90x120cm), “Identity” (акрилик на платно 83x130cm) / Колективна Изложба
- Арл, ФРАНЦИЈА – Јуни 2005: Les Rencontres d’Arles – HypeGallery :фотографија на модерна уметност “Hush Baybe…Jazz in Paris” (винил сатен c/c PVC, 120x160cm) / Колективна Изложба
- Париз, ФРАНЦИЈА – Ноември 2004: Музеј на Модерна Уметност – Palais de Tokyo : фотографија на модерна уметност “Happiness is Mine, Happiness is Mind” (винил сјаен c/c PVC, 100x150cm) / Колективна Изложба + Аукција
САМОСТОЈНИ ИЗЛОЖБИ
- Скопје, Македонија – Ноември 20th 2008 – Декември 20th 2008
Public ROOM Promo CENTER : “Светот Како 1”
НАГРАДИ, ЈАВНИ НАСТАПИ И АРТИСТИЧКИ ДОСТИГНУВАЊА
- 2007 Кански Фестивал, ПР и Претставник на Неговата Кралска Екселенција Принц Фејсал Бин Султан Бин Мохамед Бин Абдулазиз АЛ САУД
- 2002/2007 Париз, професионални часови по музика во класата на Карин Акампора, Julliard School NY, USA / Оперска Сопрано Дива
- 2002/2007 Париз, Act_World_Wide Studio, Bob Mc Andrew LA-Paris
- 2006 S.A.G. Hollywood Contract / Movie “The Ultimate Proposal” / Production “Love Truth & Reality Entertainment Group Co”, Los Angeles 2006
- 2002 Париз, Прикажување на филмот „1 Ден во Скопје“ во Музејот „Алберт Кан“
- 2002 Ница, Франција Финалист на најголемиот национален кастинг за млади таленти за глума CASTING AZUR FRANCE 2002 / Прес-детали “Casting Magazine”, “Nice Matin” итн.
- 2002 Интернационално Биенале на Архитектура 2002 – Музеј на Современа Уметност – Скопје, Македонија – Учество како Финалист со Дипломската Работа
- 2000 Documentary film “1 Day in Skopje” by Eric Darmon, director and producer of “Memoire Magnetique” Paris, 2001
- 2000 Документарен филм „1 Ден во Скопје“ од Ерик Дармон, режисер и продуцент на “Memoire Magnetique”
СВЕТОТ КАКО 1 – Оливера Велкова
Уметноста на Оливера Велкова е ненаметлива, иако во истовреме колористички јака. Нејзината интенција не е да се наметне и да соопшти или пренесе одредена нарација, туку таа го иницира восприемачот да при чинот на набљудување зарони во својата внатрешност, во својата интима и да се спознае себе си, а преку себе и Другиот, како и светот околу себе. Оттука и насловот на изложбата Светот Како 1.
Стилски и концепциски делата се различни, но паноптикумот кој стои зад нив претставува различни состојби на умот и размисли на Велкова. Зад секое дело се крие некоја приказна која останува само нејзина или е поттикната, како зародиш, во насловот на делото, но самата апстрактна усмереност на делата дозволува слобода во дешифрирањето на пораката или пак чувството.
Апстрактниот експресионизам, како и уметноста на обоено поле, се главните стилски насоки на платната. Од една страна чистите колористички полиња без остри рабови, со одредени прекини во друга нијанса или боја, како едноставни идејни, но концентрирани уметнички јадра, го обработуваат проблемот на Сонце на различни нивоа. Другиот тип на дела каде прагматичните и рационални претходни обојувања преоѓаат во динамизирани и расцепкани потези, кои очигледно по акцијата на движење имаат карактеритики на пренесување на длабок емоционален набој, чувство, ментална состојба. Во одредени моменти овие потези сукцесивно се надоврзуваат едни на други, на тој начин сугерирајќи движење, кое на различни слики има различни правци, некаде праволиниски усмерени движења и ритмови, а некаде спирално, во вид на виор, како интровертно или пак обратно, екстровертно придвижување на емоцијата. Мекоста и излеаноста на хроматските патокази го создава замаглениот привид кој во одредени сегменти е прекинат со остра обоена целина или сегмент, кој го враќа вниманието назад, на реалноста. Такво е на пример делото „La-Croix Influence“. Повремено на некои дела се појавуваат одредени препознатливи знаци или форми, па дури и некои слики се состојат само и единствено од препознатливи симболи, како зборот LOVE или Љубов, кој простум се проектира од површината на платното пренесувајќи ја директно пораката. Во согласност со линијата на апстрактниот експресионизам, дрипингот, како експресивна акција на плиснување или „растекување“ на бои, е уште една форма на ликовно надополнување на композициската организираност на сликите на Велкова, кое има улога на секундарен финиш на идејата. Ова најдобро се согледува во делото „Lava“.
Бојата, во сликарството на Велкова, го носи приматот на креатор на идејата, т.е. овоплотувач на размислата. Рамномерното третирање на хармонијата и на хаосот, создава еквилибриум кој е неопходен за едно уметничко дело да не биде ниту здодевно, ниту збркано, бидејќи хармонија без хаос не постои, ниту vice versa.
Покрај со сликарство Велкова се занимава и со фотографија, во која самата таа е главен „стожер“. И тие како и сликите, се со различни стилски пристап и композициска поставеност, но сепак ја третираат општо: среќата на живеењето. Фотографијата “Happiness Is Mind – Happiness Is Mine” третира неколку ликовни елементи и принципи клучни за едно издржано ликовно дело. Црно-бела техника, интересна перспектива, со подигнат агол на гледање, композиција која нуди нов аспект на восприемање на претставата, одличен пристап кон акцентирање на текстурата и поставување и истакнување на плановите, одличен третман на контрастот светло-сенка итн. Од друга страна “Hush Baybe…Jazz in Paris” има покласичен третман. Станува збор за фотографија во боја, која презентира групна фигуративна сцена, во урбан амбиент на метеж, но она што е интересно овде, е што емфазата не е постигната со фронтална наметливост, туку со одличното замрзнување на прекршувањето на светлината.
Велкова се идентификува со својата уметност. Преку неа ја пренесува својата визија и чувственост за основните елементи: воздухот, водата, земјата и огнот; своите филозофски стојалишта за љубовта, раѓањето, растот и развојот, губитокот, отуѓувањето, смртта, оние основни вредности кои животот го чинат живот, а нас луѓе.


