Инхерентна Yбавина - Елпида Хаџи-Василева
Човечката кожа изразува многу повеќе информации за нас самите отколку искажаните зборови. Нашата кожа ја рефлектира возраста во која се наоѓаме, нашата здравствена состојба и го открива нашиот културен идентитет. Од визуелна преспектива кожата автоматски дава информации за внатрешноста на организмот. Како повеќе слоен и повеќе наменски орган кожата се менува од дебела во тенка, затегната во опуштена, влажна во сува, преку целата човечка површина. Немајќи јасно утврдени граници, кожата постојано се протега од експонираната површина на телото до скриените кавитети и органи.
...Инхерентна убавина пледира кон создавање специфична визуелна убавина чија есенција е токму во суштината за создавање убаво со грдо, ако може така грубо да се детерминира. Тоа е една нова географија на уметноста и во буквална и во преносна смисла. Објективната грубост, суровост, грдост на медиумот со кој се служи Хаџи-Василева (мембрани, опни или ципи од свински желудници) со преобразената природа, т.е. метаморфозирани, со помош на вештата рака на авторот, во уметничко дело добива нова, видоизменета субјективност, а оттука и нарација, која покрај општата има и индивидуална идејна симулација. „Секоја убавина се предава себеси на постојана анализа”, како што би рекол Адорно, особено ако се има предвид дека токму во случајот на делото на Елпида Хаџи-Василева објектот и субјектот на нејзината уметност се во подеднаква улога на градење на концептот и авторскиот ангажман, а истовремено се и предмет на анализа и синтеза во неговото толкување.
Визуелната сензација на нејзиниот концепт (ципи од свински желудници фиксирани на црна основа во квадратна рамка, како минијатури, со димензии 20 на 20 см, и како такви математички подредени во синхронен систем кој е постиран на галериски ѕид, на тој начин асоцирајќи на таписерија) лежи во мултипликативноста, монохроматската миметичност на претставата, која се менува од квадрат во квадрат, истакнувајќи ја текстурата како предоминантен елемент и истовремено креирајќи ритмички привидна динамичност. Секоја единица/квадрат има различна, своја, поинаква поетичност, печат, егзистенција, пулсација...
Ана Франговска, куратор - читај повеќе
Независната културна организација Јавна Соба има особена чест да биде домаќин на изложбата на една од најпрестижните современи уметници, Елпида Хаџи-Василева. Ја сретнав Елпида во исто време запознавајќи ги и нејзините дела за прв патпретставени на Венецијанското Биенале во 2005 година. Не можев да останам рамнодушен и да се апстрахирам од нагонот да се претстави уметник од таков калибар во Јавна Соба.
Како и поголемиот број дела на Хаџи Василева, делото Инхерентна Убавина не критикува никаква социјална или политичка категорија. Напротив делата на Хаџи Василева се комуникативни со сите слоеви на публика без разлика на нивната географска припадност или било каква индувидуална ориентација. Од друга страна дело како Инхерентна Убавина има изразена острина, го шокира секој оној кој доаѓа во контакт со делотo и го наведува на длабоко размислување за тоа со какви сe медиуми може уметникот да се користи во своето творештво. Комуникацијата со едно вакво моќно дело останува длaбоко врежанo во мислите на секој еден љубител на уметностa...
Александар Велиновски, директор Јавна соба - читај повеќе


