„Визуелно танцување“ и „Мемории“на Нена Фишер

Визуелно танцување претставува инсталација која вклучува ТВ монитор, огледала и платно поставени во затеменет простор. Комбинацијата на филмот кој се прикажува на ТВ мониторот, рефлектиран на две огледала кои се поставени од двете негови страни и другиот филм кој се прикажува на платното ја раскажува приказната за градовите кои сонуваат.
Ана Франговска Стојановска за оваа видео инсталација ќе забележи:
„Визуелно танцување како видео-инсталација или За што сонува градот како видео-анимација, се однесува на една современа тематика, т.е. на современите 21.вековни градови, кои во облик на модерни коцки и квадари, опустени од живот од било каков вид или тип, егзистираат немо и вонвременски, како модели на некаква презентација... Во концептот на Фишер, овие градови сонуваат на сличен начин како и луѓето кои некогаш живееле во нив, како флешови се навраќаат токму на тоа минато време, на убавините на некогашниот нетехнизиран, неелектронски, несајбер, со еден збор неотуѓен свет во кој имало цвеќе, дрво, трева, жагор, деца, луѓе, игра, смеа, плач, среќа, болка, реалност...Овие градови сонуваат како со помош на танцувањето можат да ја премостат споната помеѓу природата и игривите “детски коцки”. Технички оваа видео инсталација која се состои од две проекции: една на монитор и една ѕидна, вклучува и мултипликација на претставата - имиџот, се со цел да ја засити и задоволи визуелната потреба за многу, мноштво, гужва, згуснатост, хипнотичка мимеза на современото секојдневие, мултипликација која ја изведува со вклучување на огледала кои создаваат огледални миметички слики. Од друга страна игра и со големината на презенацијата, аспект кој придонесува кон естетската видео синергичност на Фишер, момент кој поставува одредени принципи и норми кои треба да го внесат и водат емотивно, визуелно и естетски набљудувачот низ конкретното дело“.
Како што вели Нена Фишер, која е член на галеријата GKunstliefde во Утрехт, инсталацијата Визуелно танцување доага како инспирација од Мондриан, кој исто така бил член на оваа галерија. Кога тој бил нејзин член работел пејзажи, а потоа се гледа она што тој ќе го работи тој подоцна.
Кај мене се потекнува од хаосот и свемирот и природата. Од хаосот се создава и редот. Така што јас ги споив хаосот и редот, живоста и неживоста, природата и урбаноста, сенката и светлината, танцот на светлината и сенката. Светлина неопхадна за било што да се види. И како потенцијал сето тоа се одразува кај мене, се мултиплицитра како огледало, се умножуваат перспективите. Во оваа инсталација исто така многу е важен и звукот. Музиката е од една јапонска група која прави свои инструменти природни, органски, и таа делува како контраст на овие квадратни моменти, вели Нена Фишер.
Додека пак Мемории е кус видео-документарен експеримент во кој авторката се потсетува на своето родно место. Во овој филм без дијалог музиката е единствен водич низ бурното доживување на враќањето кон сопственото минато.
„...Сеќавањето на мошне интересен начин се преклопува со авторовата имагинација креирајќи нови, доста ликовно згуснати визуелни импресии во кои техничкиот експеримент придонесува исклучително многу во начинот на дефинирање на уметничкиот израз. Редењето на претставите кои се некаде помонохромни, дури и црно-бели, се преплетува со колоритните блурирани претстави на фауната, на одличните визуелно-естетски преоди од еден во друг имиџ, од еден во друг кадар создаваат магичност и сензитивност кои го изоструваат окото на восприемачот. Тој иако не слуша никакви реални звуци ами ја доживува нарацијата преку изборот на музиката, почнува и да ја мириса добро познатата арома на “тазе печено лепче”... Селектирани на ваков начин овие две видео-анимации/инсталации/експерименти одлично ја кореспондираат идеосинкразијата за големите и малите наративи, за она надвор и она внатре, за Јас и за Другиот“, вели Ана Франговска Стојановска.
Нена Шешиќ Фишер е родена во Бјеловар, Хрватска. По вокација е сликарка (Академија на ликовни уметности – Сараево), но таа е и уметник со мултидисциплинарни интереси: синеаст, аниматор, сценограф, танцувач и изведувач на етно музика. Од 1993 година живее и работи во Утрехт, Холандија. По својата основна определба Нена е сликарка и визуелен уметник кој ги изложува своите дела во многу културни центри ширум светот. Нејзините слики и инсталации се изложувани во Утрехт, Амстердам, Ротердам, Хаг, како и во Лондон, Париз, Киев, потоа во галериите во Италија, Германија, Австралија и Канада. Нејзиниот интерес за разновидните облици на визуелната уметност, како богатства на експресијата на човековата душевност, се протегаат и на многу форми на музиката и танцот. Нена е извонреден танцувач на шпанско фламенко, како и на балканските, унгарските, циганските и ориенталните танци, така што често настапува, солистички или со танцувачки групи на сцените во Холандија и надвор од неа. Во придружба на гитара, нејзиниот глас може да се слушне во низа кратки и играни филмови, како и на концерти во кои на слушателите им ја претставува музичката традиција на другите култури. Оваа разноликост на уметничката активност на Нена ја поттикнала Холандската телевизија да продуцира неколку документарни филмови за нејзниот живот и дело.


